сабота, 04 јануари 2014  ::  Бр. 15469
Маркетинг Контакт Импресум Претплата Пријатели Архива
Излегува секој ден освен недела. Првиот број излезе на 11.11.1963 год.
Изјава на денот
Среќа е... да испратиш фискална од пајак-служба и да те извлечат за автомобил...
НАСЛОВНА Вести Економија Скопска Балкан и Свет Култура Спорт Забавна Од почеток Видео


Бил Павлески, министер за странски инвестиции


Повеќе инвестиции за подеднаков економски развој на државата


Една голема американска корпорација, како и неколку проекти од ИТ-секторот, се новите странски инвестиции коишто ги најавува за почетокот на годинава министерот Бил Павлески. Според него владините роуд шоуа кои претставуваат директен маркетинг на бизнис-можностите што ги нуди Македонија пред странските инвеститори се вистинскиот начин привлекување на светските компании да инвестираат во Македонија


Веќе две години сте министер за привлекување на странски инвестиции во Владата. Кои се најзначајните инвестиции и проекти што сте ги реализирале откако сте на оваа функција?
- Приоритет на Владата, но и моја главна цел е подеднаков економски развој на сите делови во Македонија, со посебен акцент на руралните средини каде што стапката на невработеност е највисока. Врз основа на овој принцип се должи реализирањето на првата руска инвестиција во Демир Хисар, и секако втората која ќе биде неколку пати поголема од првата и која ќе се заокружи во почетокот на следнава година. Исто така, во наредниот период очекувам да се финализираат неколку проекти во ИТ-индустријата, значајна инвестиција на "Бутик хотелс" на охридското крајбрежје, што воведува многу повисоко ниво на услуги, и англиска компанија што следнава година треба да почне со производство. Во последна фаза е донесувањето одлука за една од најголемите американски компании, што воедно би била и најголемата инвестиција досега во Македонија, а во преговори сме и со неколку италијански и германски компании. Секако, во исто време работиме на неколку проекти во земјоделството кои се однесуваат на откупни центри и преработка на храна.

Секако, целта е да се привлечат што повеќе инвестиции кои би имале позитивно влијание на економијата преку директни вработувања, и што поголема додадена вредност преку производствениот процес и употреба на репроматеријали произведени од македонски компании, што директно ќе го зајакнат домашното стопанство.

На последната владина седница беше истакнато дека шест странски инвеститори веќе донеле одлука да инвестираат во Македонија. Кои се вашите очекувања за влез на нови странски инвеститори следната година?
- Во годинава што изминува се реализираа неколку значајни проекти како резултат на посветеноста на Владата и засилената промоција на инвестициските потенцијали на Македонија, како и направените реформи за подобрување на бизнис-климата. Веќе во следните недели се очекува да се објават и имињата на новите компании кои донесоа конечна одлука да инвестираат во нашата земја. Оптимист сум и очекувам ваквото темпо да продолжи и следната година и да финализираме уште неколку значајни проекти низ целата држава.

Годинава што изминува се карактеризира со многубројни роуд шоуа и засилена активност на Владата во промоција на инвестициските можности на Македонија. Колку ваквата политика дава резултати. Кои се ефектите?
- Сведоци сме дека во последните неколку години состојбата во делот на инвестициите во Македонија значително се подобри. Ова значително се должи на владините роуд шоуа кои претставуваат директен маркетинг на бизнис-можностите што ги нуди Македонија пред странските инвеститори. Ова го потврдуваат и самите инвеститори кои веќе инвестирале во Македонија, а истовремено ова го тврдат и експертите од светски ранг како што се "Фајненшл тајмс" и магазинот "Форбс". Секако, за да се постигнат најдобри резултати, многу е важно да се продолжи со маркетинг на повеќе нивоа, од коишто роуд шоута се само еден дел од целокупниот процес. Меѓутоа, морам да истакнам дека за да дојде до реализација на една инвестиција, потребен е подолг временски период за преговори со компаниите. Самиот процес на бизнис-анализи кои ги прават странските компании пред да донесат одлука каде ќе инвестираат во некои случаи е повеќегодишен.

Според последните податоци странските инвестиции во првите десет месеци достигнаа над 200 милиони евра. Кои се вашите очекувања за до крајот на годината и дали можеби имате проекции за тоа што не очекува на полето на странски инвестиции следната година?
- На почетокот на оваа година кажав дека се прогнозираат околу 250 милиони евра странски директни инвестиции, така што мислам дека овој број или многу близок до него ќе биде реализиран до крајот на годинава. Моите очекувања за во иднина се оптимистички имајќи ги предвид позитивните влијанија од влезот на новите странски инвестиции, промените во домашната производна структура и зголемената диверзификација на извозот, кои придонесуваат за остварување раст на БДП. Секако, доколку европската пазарна економија се подобрува, тогаш оценувам дека следната година ќе имаме поголем инвестициски раст.

Освен во слободната зона во Бунарџик, странски инвестиции има и во останатите градови во земјата. Од што најмногу зависи одлуката на еден странски инвеститор во која зона ќе инвестира?
- Како што споменав претходно, наша цел е рамномерен раст и економски развој на сите делови од државата. Главно, кога компанија одлучува каде би инвестирала, еден од главните фактори е квалитетот и квантитетот на работната сила. Затоа многу е важно што повеќе млади кадри да излегуваат со високо образование, со преференција во техничките науки коишто се најбарани од инвеститорите. Друг аспект во одлуката на инвеститорите често е географската далечина до нивните пазари, тоа одлучува во кој град би инвестирале.

Кои ќе бидат следните роуд шоуа. Кои земји ќе ги посетите и кои компании ќе бидат ваша цел?
- Во првата половина од годината планирано е да се реализираат посети на Соединетите Американски Држави и на неколку земји во Западна Европа.

Кои се ефектите од странските инвестиции врз економијата на Македонија?
- Странските директни инвестиции влијаат пред се врз економскиот раст и врз намалување на невработеноста. Исто така, значајно е да се споменат придобивките од нивниот влез, како што се трансфер на технологијата и ноу хау, надградување на работната сила што доведува до зголемување на продуктивноста и зголемување на конкуренцијата во земјата. Покрај ова, тие несомнено придонесуваат и за развој и подобрување на перформансите на домашните компании. Странските компании се претежно извозно ориентирани, што влијае на зголемување на трговскиот суфицит кон земјите каде што нивните продукти се извезуваат, како што е пример случајот со Германија. Но, најголемата придобивка е додадената производствена вредност што останува во самата економија. Затоа, мојата цел е да се привлечат што повеќе компании со поголема додадена вредност за Република Македонија, со македонска работна сила и репроматеријали од македонски компании.

Александра Спасевска





Статијата е прочитана 927 пати. #

Зошто мојот коментар не излегува на Web страницатa?

Оставете коментар за објавената вест
Сите полиња се задолжителни!

Од кого:


Коментар: 


*Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 

    




 

 

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ
 
 

Снег на Водно
Блесок 10
Марфи
Секогаш е погрешно време во месецот.